2 Коринќаните 13
Macedonian New Testament
Строги предупредувања
13 Ова ќе биде третпат како доаѓам кај вас. „Секое обвинение мора да биде потврдено од двајца или тројца сведоци[a]“ - вели Светото Писмо. 2 Во текот на мојата втора посета ве предупредив, а и сега, кога не сум кај вас, однапред ги предупредувам оние што порано грешеле, а и сите други: кога овојпат ќе дојдам, нема да ве штедам!
3 Барате доказ дека преку мене зборува Христос!? Ќе добиете! Тој не е немоќен да излезе на крај со вас! Ви има покажано колку е моќен. 4 Кога Христос беше распнат, се чинеше дека е слаб, но Тој е сега жив преку Божјата моќна сила. Така и ние што сме со Него изгледаме слаби, но ние живееме со Него преку Божјата сила, со која ќе истапиме спрема вас.
5 Проверете се и проценете дали ја имате вистинската вера! Дали Исус Христос живее во вас? Ако не, вие сте лажни верници! 6 Се надевам дека ќе се уверите оти ние не сме лажни верници.
7 Му се молиме на Бог да не правите ништо лошо. Не со цел да се докажеме ние, туку за да постапувате правилно вие, па макар и да не сметате за лажни верници. 8 Наша должност е никогаш да не и се противставуваме на вистината, туку цврсто да застанеме на нејзина страна. 9 Се радуваме кога сте вие силни во верата, па макар да не сметате нас за слаби. Се молиме одново да станете зрели христијани.
10 Затоа и ви го пишувам ова, пред да дојдам кај вас, за да не бидам принуден да постапам строго кога ќе дојдам, употребувајќи ја власта што ми е дадена од Господ. Зашто таа власт ми е дадена за да изградувам, а не да уривам.
Поздрави и благослов
11 На крајот, драги пријатели христијани, сакам да бидете радосни. Стремете се кон духовна зрелост, охрабрувајте се еден со друг, трудете се да живеете во слога и мир. Тогаш Бог, Кој е извор на љубов и мир ќе биде со вас.
12 Поздравете се меѓусебно со изрази на искрена љубов[b]. Ве поздравуваат сите овдешни христијани.
13 А сега, над секој од вас нека бдеат милостивата благонаклоност на нашиот Господ Исус Христос, Божјата љубов и пријателската придружба на Светиот Дух!
Footnotes
- 2 Коринќаните 13:1 Цитат од 5 Мојсеева 19:15.
- 2 Коринќаните 13:12 Буквално: со свет бакнеж.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest